| |

Започна предизборната кампања за Локалните избори 2025 г.

Од полноќ официјално започна дваесетдневната изборна кампања за Локалните избори 2025, кои ќе се одржат на 19 октомври. Кампањата ќе трае до 17 октомври на полноќ, по што следува 24-часовен изборен молк. Вториот круг на изборите е закажан за 2 ноември.

Според Изборниот законик, за изборна кампања се сметаат јавни собири, истакнување плакати, дистрибуција на материјали, медиумско и интернет претставување. „ДИК е должна да ги испита наводите, да постапи по поднесениот приговор и да ја образложи својата одлука во рок од 72 часа,“ стои во законот. Против одлуките може да се поднесе тужба до Управниот суд.

На 11 ден од кампањата кандидатите за градоначалници и советници ќе треба да достават финансиски извештаи. Во тек е и рокот за пријавување набљудувачи.

На овие избори право на глас имаат 1.832.415 граѓани, од кои 1.717.803 во земјата, а останатите се во странство, во притвор или старски домови. Ќе се гласа на 3.480 избирачки места, за 309 кандидати за градоначалници и 576 советнички листи, односно вкупно 10.490 кандидати. На локалните избори нема гласање од дијаспората, секој што е запишан на избирачкиот список и се наоѓа во странство треба да го оствари своето право на глас во својата општина.

Најмногу кандидати за градоначалник има за Град Скопје – 16. Вкупно 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи ќе учествуваат на изборите.

Буџетот за организација на локалните избори изнесува 9,76 милиони евра, од кои најголем дел се наменети за медиуми и платено политичко рекламирање.

Ова се осмите локални избори од независноста на државата и четврти на кои паралелно се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје.



Слични Објави