|

Демири се налути: Ќе ја оставам болницата Лешок, пратеничката која излезе на прес нека реши, да видиме како ќе земат плата  

Министерот за здравство Илир Демири се налути на вработените од Специјализираната болница за белодробни заболувања во Лешок кои преку прес-конференција му кажаа дека се против неговата идеја да бидат споени со Клиничката болница во Теотово. Иако се уште е министер, рече дека нема повеќе да работи на решавање на проблемот со оваа болница. И денес повтори дека побарал болницата во Лешок да се спои со тетовската болница за вработените да можат да земаат плата и болницата да ја задржи дејноста. Исплатата на платите и дејноста на болницата се доведени во прашање откога се пензионирал единствениот вработен со кого тоа било возможно.

„Тој вработен од месец октомври е во пензија. Тогаш, како менаџер на тетовската болница, упатив барање до Министерството за здравство, да се припои болницата Лешок со тетовската клиничка болница со цел да може да има континуитет во работењето, да има носител на дејност. Таму се вработени 20 луѓе кои се со средно медицинско образование и не може да бидат носители на дејност. Се случи нешто многу необично кога дел од вработените во таа специјална болница, потпомогнати од пратеникот на ВМРО излегоа со прес и кажаа некои небулози според кои наводно јас сум имал тенденции за вработување на друга структура на вработени што не е точно. Структурата на вработените во болницата Лешок е 16 Македонци, четворица Албанци, значи 20 вработени, нема врска со тие невистини кои ги изнесоа во јавноста. Сега ќе ја оставам болницата Лешок, нема да преземам никакви дејствија бидејќи вработените не сакаат. Нека го реши пратеничката која излезе со нив на прес и ќе видиме како ќе добијат плата и како истата болница ќе ја зачува дејноста“, рече министерот Демири.

Вработените бараат место спојување, во болницата да се вработат специјалисти и таа да продолжи да функционира самостојно.



Слични Објави