ДЕН, ДВА ПОТОА

Во понеделникот, Куманово беше зафатено од силен дожд, кој во период од неполн час направи вистински потоп. Настрадаа улиците, домовите, помошните простории. Штета, граѓаните пријавуваа во различни делови на Куманово. Благодарение на тимовите на ЈП Водовод, ЈП Чистота и зеленило, Дирекција за заштита и спасување, Центар за управување со кризи и некои други институции, причинетата штета е во помал обем и на градот ќе му треба пократко време да се санираат последиците.

Но, дали секогаш, ама баш секогаш, кога ќе имаме дожд, ќе имаме и потопени домови, подруми и гаражи? Дали земјиштето ни е такво да не може да апсорбира? Да не е сепак човечка грешка во случајов? Да не треба да поканиме странски експерти да ни кажат каде е проблемот?

Ниту една локална власт до сега не се зафати со решавање на овој проблем. Наместо превенција, полесно ни е ex post да ги санираме последиците и да ја надоместуваме штетата. И се ќе си биде по старо-до следното „истурање на небото“. Нели е крајно време работите да се извршуваат како што треба, а не само привидно, нашминкано?

Ниту една улица во Куманово нема асолна атмосферска канализација и правилен одвод на водите. Ниту една улица не е направена според прописите и со исполнување на минималните стандарди. Затоа и при секој дожд улиците ни стануваат реки, а понекаде и ни се појавуваат и улични ади, како супер опција да се прескокне, а не да се преплива улицата.
При секој дожд ние, кумановците, стануваме гимнастичари кои се борат да поминат од една на друга страна на улицата. Бори се или (умри) накисни!!! Сето она животно искуство, насобрано со години, тогаш ни доаѓа до израз. И скок во далечина и скок во височина и правилен доскок. На што се ќе те натера принудната ситуација. А сепак мораме да се поместиме од место А на место Б.

Каде ни е зеленилото по градот? Нели растенијата се првиот столб на одбраната? После имаме и свлечишта и кал на улиците. Па тогаш ЈП Водовод е приморано да ги измие улиците со шмрк, онаков ист како за растерување на демонстранти. Мораме да го користиме тогаш, кога веќе немаме активисти со еколошка свест кои ќе излезат на улица и ќе бараат заштита на основното човеково право-право на здрава животна средина.

Не мора се да ни биде инспирирано од парите, ниту пак подмачкано со истите! Зошто не направиме нешто добро за нашиот град бесплатно. Не тежи се на општинскиот буџет. Треба само иницијатива и волја работите да се менуваат.
Секако плаќањето на штетите од поплавите повеќе чини, отколку планско средување на улиците и целата средина. Наместо секој потоп да бркаме во чекмежето на локалната власт и да надоместуваме штети, дајте тоа да го направиме еднаш засекогаш. Тоа што ЈП Водовод дури сега ќе бара техничко решение за атмосферските води не да е задоцнето, па нема каде. Но ајде, ќе поминеме преку тоа. Не дека ова прашање не ни е важно исто како влезот во ЕУ, туку дали и колку професионално истото ќе биде завршено.

Ќе мора да се средуваат улиците генерално. Немаат пад за истек на водата, немаат зеленило околу, немаат влез за прием на атмосферска вода. Нема што немаат!
Дали воопшто некој и ги надгледува изградбите и реконструкциите на истите улици? Нели сме 21 век? Или сепак Куманово уште ни е касаба од османлиското царство? Срамота е во годината кога ќе славиме 500 години постоење, да одиме по градов во гумени чизми, небаре последен збор на модата е во прашање.

Дополнително, сега ќе се санираат и коловозите и тротоарите уништени од дождот. Нели тоа беше правено во пролетта, се до 5 мај? Нели имавме планирано и завршено редовно пролетно оддржување на патиштата, па механизацијата работеше и за празници и за викенди и во денови на предизборен молк? Очигледно ништо не е направено и се беше само сценски настап пред граѓаните.
Дајте онаа механизација што го средува регионалниот пат за Општина Липково, вратете ја на улиците на Куманово, да го заврши она за што е платена. Сметам дека многу повеќе овде има сообраќај, отколку во општината што е 1/5 од Куманово. А и онака сите тие жители од Липково секојдневно се во Куманово, па ова ќе биде и голем бенефит и за нив. А и за нас, граѓаните на Куманово. Локалците.

Да не дозволуваме она народната, кумановската „Гњурац до гњурца, вода ми до …Колена“ да ни стане правило. Да се поместуваме малку за промена и на подобро. Сметам дека можеме и дека треба да го сториме тоа во интерес на сите нас. А на чело, секако како ѕвезда водилка, треба да ни биде локалната власт. Впрочем, за тоа и се платени!

Автор: Перица Спасовски, претседател на ГДУ- Куманово