ДЕН ПРЕД РАСПУШТАЊЕТО НА СОБРАНИЕТО: ЏАФЕРИ НАЈАВИ СЕДНИЦА ЗА НАТО НА 11 ФЕВРУАРИ
Претседателот на парламентот Талат Џафери планира на претпоследниот работен ден на овој собраниски состав – 11 февруари да се одржи и претпоследната пленарна седница, со единствена точка на дневен ред – ратификација на Протоколот за членство на Македонија во НАТО, објави „ 360степени.мк“.
Џафери во изјава за „360 степени“, вели дека следниот ден ќе се одржи седницата за распуштање на парламентот, така што ќе останат цели 60 дена до одржувањето на парламентарните избори на 12 април.
До 11 февруари не е исклучено да заврши и постапката за ратификација на Протоколот за НАТО во Шпанија. Како и да биде, планирам на 11 февруари да закажам посебна седница за протоколот да биде изгласан и во нашиот парламент. Следниот ден ќе се одржи седницата за распуштање на Собранието. Очекувам дискусијата по тој предлог да заврши до полноќ, затоа што нема тука што многу да се зборува, со оглед на тоа што сите партии се согласија за предвремени избори, вели Џафери за „360 степени“.