ДЕНЕСКА ПРЕСУДА ЗА 27 АПРИЛ

Во Кривичниот суд во Скопје денеска ќе биде објавена пресудата за 17-те преостанати, од првично 33 обвинети за насилствата во Собранието на 27 април 2017 година, познат во јавноста како „27 април“. Случајот го води судијката Добрила Кацарска, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

Судскиот процес почна во август минатата година и е еден од најголемите во поновата македонска историја. На почетокот процесот почна против 33 обвинети, но, по донесувањето на Законот за амнестија помилувани беа 15 лица.

На обвинителна клупа останаа Митко Чавков, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви, Митко Пешов, Оливер Поповски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Оливер Радулов, Игор Дурловски, Јане Ченто, Игор Југ, Александар Василевски-Нинџа, Никола Митревски-Кољо, Младен Додевски, Горанче Ангеловски, Влатко Трајковски и Вилијам Михајловски, кои се товарат дека сториле кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок.