Денот на бесарапските Бугари одбележан во Болград, Украина
Во украинскиот град Болград, крај Меморијалот на бугарските ополченци, локалните претставници на бугарската дијаспора го одбележаа Денот на бесарапските Бугари. Настанот беше организиран од Областниот центар на бугарската култура во Болград, со поддршка од локалната власт, Болградската гимназија „Г. С. Раковски“, Центарот за култура и одмор на општината Болград и вокални солисти од селото Криничне, јавува Радио Бугарија.
Овој празник е потсетник на важноста од зачувување на културното наследство, сеќавањето на корените и продолжувањето на традициите кои ја обликуваат националната самобитност. „Историјата не е само минато – таа е дел од нас, од нашата сегашност и духовна сила“, нагласуваат од Асоцијацијата на Бугарите во Украина во својата објава на Фејсбук.
Присутните положија венци и свежо цвеќе во чест на илјадниците сонародници родени и воспитани во Бесарабија, кои оставиле длабока трага во историјата на Бугарија, Бесарабија и Украина. На тематскиот настан беше истакната важната улога на Спасо-Преображенскиот собор и Болградската гимназија, кои низ вековите остануваат симболи на духовноста и просветата на бесарапските Бугари.
Со поздравни зборови кон заедницата се обратија протоиереј Стефан Турлак, настојател на храмовите во Болградскиот реон, народниот пратеник на Украина и претседател на Асоцијацијата на Бугарите во Украина Антон Кисе, градоначалникот на Болград Сергеј Димитриев и директорката на гимназијата „Г. С. Раковски“ Снежана Скорич.

