Во Собранието на Бугарија отворена изложба посветена на бесарапските Бугари
Во Народното собрание на Бугарија беше отворена изложба посветена на бесарапските Бугари, чиј ден се одбележа вчера. Автори на уметничките дела се сликарите со бугарско потекло Иван Шишман и неговата ќерка Злата. Експозицијата, со наслов „Бугарската порака од Бесарабија“, беше организирана по иницијатива на претседателот на парламентарната комисија за култура и медиуми, Тошко Јорданов, јавува Радио Бугарија.
„Бесарапските Бугари не забораваат кои се – тие го чуваат мајчиниот јазик, пеат бугарски песни, градат цркви и училишта и ги воспитуваат своите деца во љубов кон Бугарија. Често тие се поголеми патриоти од многумина што живеат овде, во слободна Бугарија. Таа сила на духот е пример за сите нас и потсетник дека бугарштината не се мери со граници, туку со сеќавање и срце“, истакна Јорданов при отворањето.
Иван Шишман, православен уметник и доцент на Катедрата за ликовна уметност при Измаилскиот државен хуманитарен универзитет, сподели:
„Пред два дена испративме една бугарска порака во град Одеса, каде ја претставивме бугарската култура. Таму Злата ја претставуваше нашата уметност, а јас денес дојдов овде – во мојата сакана прародина.“
Заменик-министерот за култура Ашот Казарјан, познат по својата активна поддршка на иницијативи поврзани со Бесарапските Бугари, помогна и во реализацијата на оваа изложба.
„Тие ја имаат сочувано автентичната култура од старо време и ја пренесуваат низ генерациите. Бесарапските Бугари се прекрасен пример за заедница која гордо го чува бугарското. Чест ми е што можам да ги поддржам и да придонесам вакви настани да се случуваат, за Бугарија подобро да ја запознае оваа заедница. Идејата за изложбата ја имавме со Шишман уште пред три години, и конечно таа се оствари – со помошта на министерот за култура Мариан Бачев, сè стана многу побрзо и полесно,“ изјави Казарјан.

