|

Десетина кандидатури за претседател на ДКСК – изборот по локалните избори

Десетина кандидатури пристигнале до Собранието за јавниот оглас за избор на претседател на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), кој завршува денеска. Претседателот на Комисијата за прашања на избори и именувања, Ѓорѓија Сајкоски, за МИА изјави дека конечниот број ќе биде познат в понеделник, „откако ќе пристигнат и оние што се пратени по пошта“. Тој нагласи дека постапката ќе продолжи по 3 ноември, односно по завршувањето на локалните избори.

Во средата, собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата формира седумчлена Комисија за селекција на кандидати: Илбер Руфати (заменик Народен правобранител), Дарко Аврамовски и Бардил Јашари (претставници на здруженија назначени во Советот за соработка со Владата), како и пратениците Бојан Стојаноски (ВМРО-ДПМНЕ), Саранда Имери Стафаи (ВРЕДИ), Митко Трајчулески (СДСМ) и Арбана Пашоли (Европски фронт). Членовите се овластени да обработуваат лични податоци, при што мора да обезбедат тајност и заштита во согласност со Законот за заштита на лични податоци, за што ќе достават изјави до Комисијата.

Огласот беше објавен по оставката на поранешната претседателка Татјана Димитровска, обвинета за „оддавање службена тајна“ на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ, обвинет во случајот „Адитив“, како и за „компјутерски фалсификат“ – затоа што ревизор од ДЗР во нејзино име го положил тестот за сертификат за државна тајна.



Слични Објави