| |

Шампионката од Меѓународната олимпијада по лингвистика Ванеса Калинкова: Не сакам во странство, во Бугарија можам одлично да се развивам

„Убедена сум дека за да бидам успешна, не е неопходно да завршам студии во странство. Во Бугарија можам одлично да се развивам и ќе бидам поблиску до семејството. Можам и да помагам во подготовката на идните натпреварувачи,“ вели Ванеса Калинкова за „Аз-буки“. Таа годинава стана апсолутна шампионка на Меѓународната олимпијада по лингвистика, а од есен ќе студира информатика на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, јавува Актуално.

Ванеса, поранешна ученичка во Природно-математичката гимназија „Акад. Никола Обрешков“ во Бургас, објаснува дека олимписката лингвистика е пред сè прашање на логичко и структуирано размислување, а не на суви факти за одделни јазици. „Целта е преку набљудување на реченици и преводи да ги откриеме јазичните закономерности, на пример – редоследот на зборовите, без да го познаваме јазикот,“ вели таа.

Со лингвистиката се запознава уште во петто одделение, а од осмо-деветто почнува посериозно да се подготвува. Голем удел во нејзиниот успех има и наставничката Ганка Вутева, која ја насочила и развила нејзината способност за решавање сложени задачи. Националната подготовка траела две недели со по пет-шест часа интензивна работа дневно – темпо кое бара голема концентрација и издржливост.

„На самата олимпијада задачите ми се сторија полесни од очекуваното,“ признава Калинкова. „Двата бугарски тима настапија блескаво – го освоивме првото и второто место и ја зацврстивме силната позиција на Бугарија во лингвистиката.“

Покрај лингвистиката, Ванеса има успеси и во математика, физика и литература. Минатата година учествувала на првата во светот Олимпијада по вештачка интелигенција, одржана во нејзиниот роден Бургас, каде што освоила бронзен медал во теоретскиот дел и златен во практичниот. Има и два бронзени медали по математика од Олимпијадата во Казахстан.

И покрај бројните натпревари, наоѓа време за филмови, книги и пријатели, а десет години се занимавала и со класичен балет – хоби кое сè уште ѝ е во срцето.

Според нејзината наставничка В’тева, Ванеса е извонредна млада личност со широки интереси и пет пати се пласирала во националниот круг на олимпијадата по лингвистика.



Слични Објави