Протиќ: Младите во Србија се оддалечуваат од Европа
Познатиот српски историчар Милан Протиќ предупреди дека младите генерации во Србија сѐ повеќе се оддалечуваат од Европа и европските вредности, јавува БГНЕС. На панел-дискусијата „Европа – сега или никогаш“, тој оцени дека Србија по 5 октомври 2000 година имала голема можност за приближување кон Европа, но ја пропуштила задржувајќи дел од моделите на владеење и размислување од времето на Слободан Милошевиќ.
„Страдаме од илузии и не сакаме да се ослободиме од нив“, изјави Протиќ, додавајќи дека општеството не се соочило доволно отворено со минатото. Тој посочи дека денес се негира геноцидот во Сребреница и дека младите се „одделени од Европа“, и покрај тоа што патуваат низ европските земји.
Протиќ нагласи и дека постои длабок јаз меѓу начинот на кој граѓаните на Србија го доживуваат Европската Унија и начинот на кој ЕУ ја гледа Србија, што дополнително го зголемува скептицизмот на двете страни.
