ДИК донесе низа одлуки поврзани со подготовката на локалните избори што треба да се одржат годинава
Државната изборна комисија (ДИК) донесе повеќе клучни одлуки поврзани со подготовките за претстојните Локални избори во 2025 година, вклучувајќи и нова методологија за именување на избирачки одбори, измени во описот на избирачките места, како и дополнувања на упатства и јавни набавки.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, информираше дека е усвоено упатство и предлог-методологија за именување на претседателите, членовите и нивните заменици во новите избирачки одбори, со оглед на истекот на мандатот на актуелните состави избрани пред локалните избори во 2021 година. Изборот на новите членови ќе се спроведе по случаен избор од страна на Министерството за јавна администрација, со почитување на принципите на родова и етничка застапеност. Обуките ќе се реализираат во септември.
Во рамки на седницата, ДИК едногласно ја усвои и одлуката за измена на описот на избирачките места во кои бројот на избирачи надминува 1.000, во согласност со законската одредба. Измените се однесуваат на општините Гостивар, Кисела Вода, Чаир, Струмица, Куманово и Тетово, при што ќе се изврши нова распределба на гласачи, без промена на вкупниот број на избирачки места.
Дополнително, беше донесена и одлука со која се забранува извршување на работни обврски по два или повеќе основи во рамки на ист изборен процес. Забраната се однесува на членови на изборни органи, избирачки одбори, општински изборни комисии, сертифицирани обучувачи и други ангажирани лица.
ДИК ја усвои и Предлог-одлуката за измена и дополнување на Годишниот план за јавни набавки за 2025 година, со што се предвидува набавка на сервер и систем за складирање податоци за потребите на Комисијата.
На седницата беше донесено и дополнување на Упатството за работа на Општинските изборни комисии (ОИК), со кое се воведуваат ограничувања во однос на конфликти на интереси – секретарите на ОИК не смеат да бидат во блиска роднинска или финансиска врска со претседателите на истите комисии.
Претседателот Кондарко најави дека на денот на распишување на изборите, ДИК ќе одржи јавна седница на која ќе го усвои роковникот со сите изборни дејствија.

