ДИМИТРОВ И ОСМАНИ УТРЕ ВО ДАНСКА, ГЛАВНА ТЕМА ПОЧЕТОКОТ НА ПРЕГОВОРИТЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ЗА ВЛЕЗ ВО ЕУ
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, утре заминуваат на работна посета на Копенхаген, Кралството Данска.
За време на посетата предвидени се одделни средби со министерот за надворешни работи на Кралството Данска, Јепе Кофод, со главниот советник за европски прашања во Канцеларијата на Премиерот, Вибеке Пастернак Јоргенсен, како и со други релевантни соговорници.
На средбите, заменик претседателот на Владата, Османи и министерот Димитров ќе го истакнат значењето од донесувањето на одлуката за датум за почеток на пристапните преговори со Европската Унија во октомври оваа година. Детално ќе брифираат за постигнатото во реформските активности од европската агенда, за внатрешно политичките случувања, добрососедските односи, како и за состојбите во Регионот, а воедно ќе бидат разменети мислења и за билатералните односи меѓу двете земји, јавуваат од МНР.

