Димовски: Митовски да поднесе оставка – извршил кривично дело со затворска казна и не може дa биде директор

/

В.Д. директорот на „Водовод и канализација“ – Скопје, Марјанчо Митовски не ги исполнува условите за да биде вршител на јавна функција согласно правосилната пресуда, бидејќи извршил кривично дело напад на лице со ладно оружје – нож, нанесувајќи му тешки телесни повреди, изјави денеска претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и на Синдикат на работниците од угостителството, туризмот, комунално- станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва (СУТКОЗ), Дарко Димовски.

Тој истакна дека доказите од пресудата и решението со кое Митовски се упатува на издржување затворска казна, ќе бидат доставени и до градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, како и до градскиот Совет.

– Затоа го повикувам в.д. директорот Марјанчо Митовски да си поднесе неотповиклива оставка, барем од морални причини, бидејќи ние работниците веќе се плашиме да одиме на работа знаејќи што направил овој в.д. директор на друг човек со ладно оружје и тука прекинува секоја наша соработка со овој в.д. директор, изјави на денешната прес-конференција Димовски.

Тој ги повика градоначалничката и Советот на Град Скопје веднаш да го разрешат Митовски, доколку сам не поднесе оставка.

Прашан да го коментира тврдењето на Арсовска изнесено на нејзината последна прес-конференција дека во „Водовод и канализација“ има вработени коишто примаат високи плати, а не одат на работа, Димовски рече дека ако е тоа вистина тогаш градоначалничката треба да отвори дисциплински постапки со коишто тие што не работат ќе бидат отстранети од своите работни места.

– Ние како Синдикат се залагаме да не постојат неработници во сите јавни и приватни претпријатија и стоиме позади тоа. Инаку, не можеме сите да земеме 18 илјади денари и 60 илјади денари плата е ништо за оваа економска и енергетска криза, нагласи Димовски.



Во врска со прашањето дали ќе започнат постапката за организирање генерален штрајк, откако ноќеска на полноќ истечено рокот поставен на градоначалничката Арсовска за разрешување на Митовски, Димовски повтори дека сегашниот в.д. директор не ги исполнува условите за вршител на јавна функција, затоа што, како што рече, тој е осуден за кривично дело.

– Имаме уште една пресуда која ќе ја обелодениме, доколку овој директор не си поднесе оставка или градоначалничката не го разреши. Исто сакам да најавам дека имаме сериозен лекарски извештај каде што кажува дека психичката состојба на овој директор е нарушена и истиот се лечи. Тоа ќе го обелодениме наредната прес-конференција, посочи претседателот на ССМ.

Димовски, исто така, најави дека за утре е закажан состанок во седиштето на ССМ за да се донесе одлука за штрајк, бидејќи членовите на раководството на Синдикатот биле спречени да одржат состанок во ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, што, според него, укажува дека Митовски го попречува синдикалното дејствување, кое е загарантирано со Закон и Колективен договор.

Извор: zoom.mk

Претходна статија

Во Скопје е отворена изложбата „Дипломатија и уметност“ со дела на ликовни уметници од Бугарија

Следна статија

Фатиме Фетаи, Мустафа Хајрулахи и Бурим Рустеми кандидати за шеф на Вишото јавно обвинителство

Најново од Вести