|

Директорот на Ербас: Европа мора да ги зголеми трошоците за одбрана

Европа не е подготвена за војна со Русија или за ризикот дека поранешниот американски претседател Доналд Трамп, доколку се врати во Белата куќа, би можел да ја повлече Америка од НАТО и затоа мора да ги зголеми трошоците за одбрана, изјави извршниот директор на „Ербас“, Гијом Фори.

Фори, извршен директор на најголемата европска компанија за воздухопловство и одбрана, изјави за Гардијан дека сега е „одлучувачки момент“ за зајакнување на одбранбената индустрија на континентот, откако руската инвазија на Украина доведе до војна на границите на Западна Европа. Фори оцени дека европските држави досега премногу се потпираа на Америка кога станува збор за набавка на оружје и воена опрема и дека како резултат на тоа не развиле соодветни капацитети во клучните области на одбраната.

Фори рече дека Европа треба сериозно да ги сфати предупредувањата на Трамп дека Америка може да се повлече од НАТО и да се подготви за такво сценарио. Извршниот директор на Ербас ги повика Европа и Велика Британија да ги здружат силите и да ги спојат програмите на ривалските борбени авиони. Ербас произведува воена опрема и половина од комерцијалните авиони на глобално ниво.

Рускиот претседател Владимир Путин неодамна им порача на земјите од НАТО дека ризикуваат да предизвикаат нуклеарен конфликт доколку испратат свои војници да се борат во Украина, потсетува Гардијан и додава дека ова е одговорот на Путин на изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека не ја исклучува можноста дека во иднина европските земји испраќаат свои војници во Украина, пренесува Танјуг.



Слични Објави