|

Дискусии, реплики и контрареплики: Најмалку две недели ќе трае маратонска седница за влезот на Алијансата во Влада

Нема временско ограничување за тоа колку ќе трае дебатата за разрешување на тројцата министри и двајцата заменици од Алтернатива, како и заменикот од т.н. огнена група на ДУИ. На пленарната седница се дискутира за разрешувањето на секој функционер одделно, а дебатата завршува во моментот кога ќе се исцрпат сите пријавени за збор. Според моменталната динамика, министрите и замениците ќе останат на функциите уште најмалку една до две недели бидејќи сите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ се јавија за збор, а се јавуваат и сите за реплика на пратениците кои не се од нивна пратеничка група.

Собранискиот Деловник предвидува дека кога трае претрес за точка на дневен ред, како што се разрешувањата, секој пратеник има право на 10 минути говор. Потоа, дозволени се три минути за реплика, па една минута контра реплика. Ако на пример, пратеници од ВМРО-ДПМНЕ се јават со критика за министер од Алтернатива, пратеници од Алтернатива може да му реплицираат, а потоа, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ одново да се јават со став и да дадат контра реплика.

За збор се пријавени сите 44 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Исто така, сите 44 пратеници се пријавени и за реплика на првата пратеничката која зеде збор од Алтернатива, Сафије Садики-Шаини. Тоа значи дека покрај 10-те минути, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат плус три минути за реплика. По исцрпување на листата за реплики и контра реплики, се продолжува со следен говорник.

Следни пријавени за збор се пратениците од Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов. По нив, пријавен е и Скендер Реџепи кој во Собранието делува како независен пратеник. Свое излагање ќе има Коле Чаракчиев од СДСМ. Со оглед дека сите овие пратеници не се од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, сите 44 пратеници од најголемата опозициска партија имаат право да се јават за реплика.

Денеска продолжува дебатата за разрешувањето на министерот за здравство, Беким Сали. По него, ќе се дебатира за разрешувањето на министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, а потоа и за Џемаил Чупи. По нив, ќе се разгледува точката за разрешување на замениците министри.

Истата собраниска процедура со дебатирање важи и за точките за именување на нови министри. Според досегашните искуства, разрешувањето и именувањето нема да заврши пред истекот на две недели од почетокот на дебатата.

Слични Објави