ДИВИТЕ КОПАЧИ СО ГОДИНИ ГО УНИШТУВААТ КУЛТУРНО-ИСТОРИСКОТО НАСЛЕДСТВО ВО ПИЈАНЕЦ И РЕГИОНОТ

Последниот случај со уништување на локалитетот Виничко Кале од страна на т.н. диви копачи, го врати интересот за дивите копачи кои во последните 30 години се активни и на подрачјето на општина Делчево. Кустосот Славчо Десподов, кој е поранешен раководител на музејската поставка во Делчево, вели дека Пијанец, територијата на која се наоѓа Општина Делчево, е богато подрачје со културно-историски локалитети кои отсекогаш биле предмет на ископување на дивите копачи.

-Сите артефакти кои досега се пронајдени на територијата на Пијанец се наоѓаат во музејската збирка во Делчево која брои над 1.000 стари предмети. Музејската збирка и артефактите се од ископувањето од 2001 година. Сепак, мора да кажеме дека и пред тоа и сега активно работат овие диви копачи кои ги уништуваат археолошките локалитети. Тие се активни 20-30 години наназад, со што историјата е препуштена на самите нив и на времето на уништување на сите овие предмети, кои за жал Македонија нема слух да ги заштити и да ги презентира пред светот, истакнува Десподов.

Како еден од најпознатите случаи на диво ископување што се случи пред неколку години и за кој беше запознаена и македонската јавност, Десподов го посочи дивото ископување на тунелот кај село Бигла.

-Тунелот во Бигла според сите сознанија е граден за време на Втората светска војна, како тунел за железничката пруга Македонија – Бугарија. И во тој тунел се сметаше дека има закопано злато и се работеше повеќе време на негово пронаоѓање. Меѓутоа имаше муабети, односно луѓето не се на чисто дали е нешто најдено или само работеа на ископување во тунелот. Тогаш знам оти беа ангажирани и механизација и специјална полиција за чување на локалитетот, меѓутоа што е најдено, како и дали е најдено, се уште нема соопштение за тоа, додаде Десподов.



Тунелот сега е „заровен“ и покриен, додека мистеријата дали е нешто најдено се уште останува тајна за обичната јавност.

Претходна статија

(ВИДЕО) ЛИДИЈА, БИСЕРА И ОРКЕСТАР „ШЕВИЦА“ СО ПРЕКРАСНА ПЕСНА ЗА ВОЈВОДАТА НА ВМРО СТОЈАН М’ЛЧАНКОВ

Следна статија

НАЈГОЛЕМИТЕ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛИ СЕ ОБЕДИНУВААТ ЗА 10-ДНЕВЕН СТРИМИНГ НАСТАН

Најново од Култура