|

ДКСК евидентира над 6.400 службени возила- 500 од нив веќе возат со новите црвени таблички

Евиденцијата на Државната комисија за спречување на корупција покажува дека државата располага со повеќе од 6.400 службени возила – од застарени и нефункционални, до скапи и луксузни, јавува Локално. Во пресрет на изборите, Владата ја започна акцијата за нивно обележување со црвени регистерски таблици, со цел да се намали можноста за злоупотреба и да се зголеми транспарентноста.

Во моментов околу 500 возила веќе возат со новите таблици, а за две недели се очекува бројката да достигне 1.500 до 2.000. Првата општина што јавно ќе го прикаже својот возен парк е Гази Баба.

Податоците откриваат шарен возен состав – 186 „Мерцедес“, 79 „Ауди“, 55 BMW и 310 возила од брендот „Шкода“. Дел од нив се нови и во употреба, но многу се стари и неисправни. Најмногу возила имаат министерствата, јавните претпријатија и општините.

Владата најави и воспоставување централен регистар со специјален софтвер, проценет на 1,5 милиони евра, за кој планира да побара поддршка од европските фондови. Иако ова се претставува како чекор кон поголема отчетност, досегашните искуства покажуваат дека токму во изборни циклуси службените возила често завршуваат во партиска служба.

Слични Објави