| |

Би-би-си: Зошто студентите по медицина ја избираат Бугарија пред Велика Британија

Сѐ поголем број млади луѓе од Велика Британија одлучуваат да студираат медицина во земјите од Источна Европа, особено во Бугарија, поради строгите ограничувања и високата конкуренција за упис на медицинските факултети во нивната татковина, јавува Би-Би-Си, пренесува БГНЕС.

Фреја Мандапали, 19-годишна девојка од Престон, и Мохамед Аднан Пател од Болтон се меѓу студентите кои студираат на Медицинскиот универзитет во Пловдив. И двајцата велат дека одлуката ја донеле откако не успеале да добијат место во Велика Британија и по препорака од пријатели.

Универзитетот во Пловдив е еден од најреномираните во Бугарија и околу 40% од странските студенти таму доаѓаат токму од Велика Британија. Наставата за странците се изведува на англиски јазик, а студентите се обврзани да учат и бугарски за да можат да комуницираат со пациентите во повисоките години.

Агенции како MedConnect Europe, со седиште во Лондон, им помагаат на студентите да се сместат, да најдат стан и да се прилагодат на новиот живот. Д-р Мухамад Хамза, кој дипломирал во Пловдив и сега работи како стоматолог во Англија, вели дека практичната обука во Бугарија им овозможува на студентите да стекнат богато искуство уште пред дипломирањето.

Обуката трае шест години и дипломите моментално се признаваат од страна на британскиот Општ медицински совет, што им овозможува на дипломците да работат во Националната здравствена служба (НЗС). Сепак, тоа би можело да се промени по 2028 година.

Во меѓувреме, британската здравствена служба се соочува со недостиг на медицински кадар и сѐ повеќе зависи од доктори школувани во странство. Ова, сепак, предизвикува загриженост кај домашните дипломци кои бараат приоритет при вработување и специјализација.

Експертите предвидуваат дека интересот за студирање медицина во Источна Европа ќе продолжи да расте, со оглед на глобалниот недостиг на здравствен персонал и стабилната побарувачка за доктори и стоматолози ширум светот.

Слични Објави