Доцнат решенијата за данок на имот во Скопје
Повисоки сметки за данок на имот се очекува да добијат скопјани во наредниот период, затоа што Град Скопје, воден од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, во соработка со УНДП врши репроценка на вредноста на имотот на граѓаните, нешто што според нив не е направено повеќе години.
„Не може становите да се продаваат по 2.500 евра за квадрат, а данокот да се плаќа на проценка од 1.200 евра“, тврдат од Град Скопје.
Тоа е и една од причините зошто жителите на главниот град се уште не ги добиле решенијата за данок на имот, кои секоја година се испраќаа во март.
На почетокот на месецов поголемиот број жители на Скопје ги добија решенијата за данок на имот за 2026 година во електронска верзија, со износ ист како и во изминатите години, но изостанаа граѓаните од две општини, Карпош и Центар, до кои пресметките за данок допрва треба да стигнат.

