| |

Дојдоа дивите, ги истераа питомите

Пишува: Дан Милошевски

Охрид и неговата околина се дел од светското културно наследство. За да бидат ставени на списокот од светско наследство, локациите мора да имаат извонредна и универзална вредност и да исполнуваат најмалку еден од десетте критериуми за избор. Критериумот за избор под број VI (6) вели : “Да биде директно или видливо поврзан со настани или живи традиции, со идеи или со верувања, со уметнички и литературни дела од извонредно универзално значење”.

Низ вековите, предходните генерации вo стариот Охрид, или градот на светлината Лихнидос, со својата традиционална трудољубивост,посветеност и исконска трпеливост, створиле и сочувале автентични дела на кои денес светот на културата гледа со почит и воодушевување.

Во непосредна близина на старата чаршија (трговскиот амам), пред куќата на стариот “Koмитет” (“стариот суд”, “Синдикатот”), се наоѓаше мермерна спомен плоча од судењето на Лазар Колишевски (1914-2000). За време на 3 годишната Бугарска управа во Охрид во ноември 1941 година во таа куќа Колишевски бил осуден на смрт заедно со Петре Пирузе-Мајски (во отсуство) поради нивната комунистичка дејност. Според документите и сеќавањата на старите охриѓани и двајцата се помилувани. Молбата на тогашниот Лазар Панев Колишев (кој подоцна станал Колишевски) му ја составил и напишал познатиот охридски адвокат и филантроп-Демостен Манев (1890-1969). Демостен бил почитуван адвокат, сограѓанин на охриѓани и донатор, меѓу останатото и на првото женско занаетчиско училиште за девојчиња (“Раднишка”) и веслачкиот клуб”Jуг”.

Демостен Манев (1890-1969)

Во молбата која Колишевски своерачно ја потпишал, тој инсистира на неговата етничка припадност и патриахалноста на неговите родители.

“Син сум на родители Бугари, сум се чувствувал и се чувствувам Бугарин и покрај страшното ропство, сум ги сочувал своето битие, јазик и бугарските навики. Моите родители со својата пaтриархалност уште не знаат што станало со мене и ако бидам егзекутиран, страшна ке биде нивната трагедија, со тоа ке им се одземе единствената утеха и надеж во животот – нивното дете”.

Оваа молба за милост силно го трогнала Царот Борис Трети и смртната казна на 27 годишниот Лазар е заменета со затворска казна која ја издржувал во Плевен Бугарија. Ослободен е од новата комунистичка власт во Бугарија. Лазар по професиа бул металски работник но по враќањето од затворот во 1945 година , во новата ФНРЈ и потоа СФРЈ, брзо напредува во неговата политичка кариера; со децении беше една од најсилните политички фигури во НР Македонија и потоа во СР Mакедонија и Југославија и близок соработник на автократот и доживотниот председател-маршалот Јосип Броз Тито. За време на владеењето на “детето на патриархалните родители“, донесени се неколку закони со кои почнал новиот социо-политички инжинеринг. Со законот за национализација на многу македонски семејства им беа одземени имотите и домовите, (некои до неодамна, или сеуште се борат да си ги вратат) и останаа под ведро небо со децата и се снаоѓаа кој како знаеше и умееше. Истовремено културно историските споменици беа оставени на забот на времето, а религиозните објекти препуштени на грижата и совеста на нивните верници.

Молбата на Лазар Колишевски до бугарскиот цар Борис III

Колишевски е потписник на новата кодификација на Македонската азбука од која се исфрлени од употреба традиционалните ” Ъ ” (ер голем) и “Ь” (темниот вокал) кои и денес се во говорна употреба во традиционалниот Охридски и Струшки говор. Овој период кај македонската емиграција ширум светот во тоа време е наречен “Cultural genocide”. Со тој декрет сурово се прекинува една милениумска литературна традиција во која припаѓаат делата со koи и денес се гордееме; на Миладинови, Григор Прличев, Кузман Шапкарев, учителите и војводи на историското ВМРО, Христо Узунов, Методи Патчев, Христо Матов, Андон Кецкаров и многу други.

Колишевизмот го донесе и законот за “Заштита на Македонската Национална Чест“, со кој многу македонски патриоти меѓу кои и видни охриѓани завршија во затворите и логорите на Голи Оток и Идризово, обвинети за овтономизам, предавство или Бугарофилство.

Според старите охриѓани Меѓу политичките осуденици бил и адвокатот Демостен Манев кој го спасил Колишевски (Лазар Панев Колишев) од егзекуција. Демостен завршил во затворот Идризово на издржуванје повекегодишна казна, а целокупниот имот му бил конфискуван. Виден е на изградбата на патот кој води преку планината Галичица заедно со други политички осуденици-затвореници. Планината Галичица е национален парк кој го поврзува Охридското и Преспанското езеро. Целиот рeгион е во делот од програмата на УНЕСКО. Од нејзиниот врв се протега уникатна панорама која истовремено гледа на Охридското и Преспанското езеро, а ветрот “Југ“ кој дува по долината на планината зимно време го топи снегот во котлинаta додека врвот и во месец јуни е покриен со снег.

Градоначалникот (кметот) на Охрид (1941-1944) Илија Коцарев (1884-1954) член на историското ВМРО е испратен на Голи Оток на тешка робија од 20 години. Благодарение на охриѓани, градоначалникот Илија Коцарев и Д-р Љубен Савев стариот Охрид е спасен од бомбардирање од страна на германската војска. Позната е сагата со заробените 24 Бугарски војници кои се спротиставиле на германскиот фашистички окупатор. Тие биле ослободени од охриѓани од камионите во кои биле заробени и затоа Германците ке го бомбардирале стариот град како казна за ова дело. Златото кое Oхриѓани го собрале како откуп меѓу кои и светиот крст на Св.Климент германскиот командант ги вратил трогнат од овој гест.

Новата власт која старите охриѓани ја нарекуваа “Дojдоја дивите-Ги истераја питомите” (оригинален цитат), требало златниот накит да го врати на сопствениците, а крстот да го врати на црквата. Тоа никогаш не се случило. Охриѓани со горчина го забележале својот накит на рацете и вратовите на жените и керките од новата власт. Мојата баба Славка Балева Заричинова за откупот ги предала својот венчален прстен и накит.

Авторитетниот Д-р Љубен Савев (врвен пулмолог) одиграл исто така голема улога во преговорите за спасувањето на градот. Д-р Савев студирал и завршил медицина во Минхен и течно зборувал германски јазик. Во преговорите за спасување на градот тој истовремено лобирал за спасување и преведувал.На заминување Германците му понудиле да замине со нив во Германија и таму да работи како лекар , кое нешто тој скромно го одбил. Подоцна на семејството Савеви новата комунистичка власт им ги конфискуваа имотите со изговор дека “соработувале со окупаторот.“ Нивната семејна куќа беше претворена во полициска станица (“Mилиција”), а подрумските простории (кералот) од истата беше затвор-мачилиште за политичките затвореници каде некои од нив ги завршиле своите животи . Семејството Савеви беа оставени на улица да се снаоѓаат како знаат и умеат.

Познатиот адвокат Саво Коцарев и неговиот брат Љубчо познат туристички предприемач, исто така биле политички затвореници во Идризово.

Скромниот Д-р Ристе Филев, претставник на старото охридско семејство Филеви, после монтиран политички процес во 50-тите години бил испратен на суровиот Голи Оток. Подоцна, за време на неговата работна кариера како врвен гинеколог долго време единствен во Охрид, со својата стручност, грижа и совест, прв ги благословил да дојдат на овој свет синовите и ќерките токму на оние кои ги испраќале македонските патриоти по затворите.

Партискиот другар на Лазо Колишевски, Петре Пирузе-Мајски пo професиа адвокат, испратен е на Голи Оток (1950-1954). Петре Пирузе бил командант на ослободителното движење во западна Македонија, креатор на слободната територија која до тогаш била под окупација на фашистичка Италија и балистичките банди на Џемаил Хасани-Џемо (1908-1945) и Мефаил Еипов. Пирузе е обвинет за “бугарофилство” бидејки не му се допаднала новата азбучна кодификација потпишана од Колишевски.

Без пожртвуваноста и без духовноста на старите охриѓани денес УНЕСКО ке немаше што да заштитува. Немаше да ги има ниту лебедите кои според старите охриѓани често завршувале на трпезите од “дивите”. Oваа раскошна, и питома птица, прелетала иљадници километри за да го најде својот мир слетувајќи на Езерото во „Балканскиот Ерусалим“, за да живее со народ кој се гордее со своето културно и природно наследство кои се незаменливи извори на живот и инспиација низ вековите. Со тоа живееме и денес и им го пренесуваме на генерациите што доаѓаат.

Република Северна Македонија го воодушевува светот со парадоксите. Спомен плочата и куќата (“Комитетот или Синдикатот или стариот Суд”) на чудесен начин ги снема, од нив не остана ниту прашината. Државата со единствено име во светот, Македонија е кандидат за членство во ЕУ. Но таа е меѓу ретките посткомунистички држави чии власти и после 33 години независност, досиејата на жртвите во монтираните политички процеси на Македонските патриоти грижливо ги чува под заштита на државата. Како почит и како морален долг кон историската вистина и кон македонскиот народ тие треба да бидат достапни за јавноста. Патриотите му припаѓаат на народот зошто од таму и произлегле.

Американскиот филозоф George Santayana во својата книга “The Life of Reason: The phases of Human Progress” напишал: “Оние кои не можат да се сетат на минатото, осудени се да го повторат ! ” Но во овој случај тоа не е доволно. Во далечната 1956 година списанието “Esquire” објавило есеј од познатиот сатиричар Aldous Huxley со наслов “A Case of Voluntary Ignorance” кадетој истражува за селективната природа на човечкото учење, на кое силно влијаат желбите, страстите и постоечките предрасуди. “Случај на доброволно игнорирање” отпочнува со реченицата: “Дека луѓето не учат многу од лекциите од историјата е најважната од сите лекции што историјата ги има да не учи“. Но Фактите не престануваат да постојат затоа што се игнорираат.



Слични Објави