|

Дојранското Езеро на раб на катастрофа – без пари за реконструкција на хидросистемот Ѓавато

И покрај повеќекратните предупредувања од Општина Дојран, Министерството за животна средина и просторно планирање не ги издвоило потребните 1 милион евра за реконструкција на хидросистемот Ѓавато – клучен за дотур на вода во Дојранското Езеро. Ова во интервју за Рацин.мк го изјави градоначалникот на Општина Дојран Анго Ангов. Тој информира уште дека последната негова средба на оваа тема со министерот се одржала во ноември 2024, но ниту буџетот за 2025, ниту ребалансот изработен минатиот месец, не предвиделе средства.

Наместо вложување во реконструкција, Министерството ја исклучило струјата за пумпите поради високи сметки. Хидросистемот, изграден во 2002 година, никогаш не бил реновиран, а дел од каналот е во лоша состојба и не овозможува целосен доток на вода. Во моментов работат само неколку пумпи, но количината вода е далеку под потребните 300 литри/секунда за стабилност на езерото.

Министерството тврди дека ја информирало Владата и дека се изработува студија/проект за рехабилитација, но Ангов смета дека сегашниот дотур е „капка во морето“. Според мерењата на УХМР, нивото на езерото речиси една година е околу 80 см под договорениот минимум и сега е под нулта кота. Водата е повлечена десетици метри од кејот, што предизвикува проблеми за туристите и локалните жители при користење на плажите, а ситуацијата го загрозува и туристичкиот приход на општината.

Слични Објави