Документарниот филм „Одмаздничката“ посветен на бесмртната Мара Бунева, ќе биде прикажан на годинешната конвенција на МПО во Чикаго
Документарниот филм „Одмаздничката“ („Отмъстителката“) на режисерката Ралица Димитрова, посветен на хероината Мара Бунева ќе биде прикажан во рамките на 104 Годишна конвенција на Македонската патриотска организација (МПО) во САД и Канада, објави на својот профил на социјалната мрежа Facebook потомката на Мара Бунева- Ана Мари Бунев.
Годинава конвенцијата ќе се одржи во периодот од 29 август-1 септември 2025 г. во Swissotel Чикаго. Според програмата филмот ќе биде прикажан на 31 август со почеток од 11 часот (локално време).
Документарниот филм „Одмаздничката“ ја прикажува драматичната судбина на македонската Бугарка Мара Бунева. Истиот се обидува да одговори на прашањето како и зошто една обична жена од почетокот на 20 век се претворила во атентаторка, подготвена на се, за да одмазди за својата поробена татковина? Лентата ги собира неколкуте факти и широко распространетите легенди за нејзиниот живот со цел да нè насочи да размислуваме за маките на жените атентаторки и нивните драматични судбини.
Продуцент на филмот е „Б ПЛУС ФИЛМ“ ДООЕЛ, а копродуценти се Државната агенција „Архиви“ на Бугарија и „СОНУС“ ДООЕЛ.
Потсетуваме дека „Одмаздничката“ во април 2024 г. ја освои наградата на Меѓународниот фестивал на историски филм во Папа, Унгарија. Претходно во јануари истата година филмот ја имаше својата премиера во Софија, а истиот месец беше прикажан и во Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје.

