|

ДУИ: Албанците не прифаќаат вазали, туку си ги избираат своите претставници

ДУИ преку соопштение остро реагира на изјавите на опозицијата и коалицијата ВЛЕН, обвинувајќи дека тие се само „вазали“ на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и дека немаат легитимитет кај албанските гласачи.

„Секој ден кога повторува дека ‘нема да има предвремени избори’, Мицкоски всушност признава една горчлива вистина: дека е свесен за неизбежниот пораз кој го чека неговиот политички проект и неговиот албански вазал, ВЛЕН,“ стои во реакцијата на ДУИ.

Од партијата додаваат дека Албанците јасно разбрале оти ВЛЕН не е нивен избор, туку „инструмент на Мицкоски за да ги држи Албанците потчинети“. „Кандидатите на ВЛЕН немаат легитимитет, бидејќи се инсталирани од ВМРО и претставуваат само фасада на една антиалбанска политика која има за цел да ги врати Албанците во периодите пред 2001 година,“ се вели во соопштението.

ДУИ потсетува дека ова, според нив, го признале и самите лидери на ВЛЕН. „Изет Меџити јавно потврди дека единственото нешто што ја одржува оваа влада не е албанскиот глас, туку волјата на ВМРО. Ова е најголемата срамота: Албанците не се претставени со својот глас, туку се држени како заложници одлуките на Мицкоски,“ додаваат од партијата. „Поради ова, сè што слушаме од ВЛЕН не се ставови на Албанците, туку само повторување на зборовите на Мицкоски.“

Во соопштението се нагласува дека Албанците никогаш нема да прифатат да бидат претставувани од „такви вазали“ и дека резултатот на локалните избори ќе биде толку јасен и недвосмислен што ќе ја принуди државата да оди на предвремени парламентарни избори. „Мицкоски може да го повторува спротивното десетици пати, но гласот на Албанците на 19 октомври ќе ја направи оваа реалност неизбежна,“ наведуваат од ДУИ.

Партијата потсетува дека повеќе од две децении таа е „силата што гарантира еднаквост, интеграција и консензус во донесувањето одлуки“, додека ВЛЕН ќе остане запаметен „само како експеримент на Мицкоски, привремена фасада без визија и без народна поддршка“. „Да биде јасно уште еднаш: ние работиме за враќање на достоинството во земјата, а не за да бидеме дел од власта. Не плашете се!“ се додава во соопштението.

„Албанците го имаат својот глас, го имаат своето достоинство и покажале дека не се за продажба. Албанскиот глас е слободен, суверен и одлучувачки, и тој ќе ја одреди иднината на државата,“ се наведува.

ДУИ ја завршува реакцијата со порака: „На 19 октомври, Албанците ќе проговорат со еден глас. На 19 октомври, Албанците ќе покажат дека единствениот референдум е слободниот глас. На 19 октомври, Албанците ќе си ги изберат своите претставници. На 19 октомври, ќе победи волјата на народот.“

Слични Објави