Меџити: Штипската болница со нова медицинска опрема, интензивно работиме на зајакнување на установите
Министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити, беше во посета на Клиничката болница во Штип по повод набавка на нова медицинска опрема – лапараскопска и ендоскопска опрема, нов ултразвук колор доплер-апарат со две сонди и цисто-уретроскопски сет.
„Денеска сме во посета на Клиничката болница во Штип да ја промовираме новата лапараскопска и ендоскопска опрема набавена од Министерството за здравство во вредност од 11 милиони денари. Станува збор за апаратура што ќе ја користат специјалистите на хируршкото, неврохируршкото, ортопедското и на уролошкото одделение за минимално инвазивни процедури. Ова ќе придонесе за помал губиток на крв, помал ризик од инфекции, пократок престој во болница, побрзо закрепнување на пациентите, како и многу подобри резултати отколку отворените хируршки интервенции“, истакна Меџити.
Како што додаде, покрај оваа опрема, набавен е и нов ултразвук колор доплер-апарат со две сонди за испитување абдомен и тироида во висина од 2,5 милиона денари.
„Исто така, со средства од буџетот на Министерството обезбедивме и цисто-уретроскопски сет во вредност од 433 илјади денари, со што ги подобривме условите во штипската болница. Изминатава година навистина многу интензивно работиме за зајакнување на јавно-здравствените установи во целата држава. Секојдневно сме на терен промовирајќи нова опрема, реконструкции и вложување во медицинските работници. Со истото темпо продолжуваме и во следниот период, работиме посветено во интерес на пациентите и здравствените работници“, изјави Меџити.