ДУИ остро го осуди вооружениот напад врз својот кандидат во Липково
Демократската унија за интеграција (ДУИ) остро го осуди вооружениот напад врз својот кандидат и носител на листата во Општина Липково, кој бил застрелан од маскирани лица и ранет. Од партијата соопштија дека, за среќа, животот на кандидатот не е во опасност и тој ја добива потребната медицинска нега.
„Овој варварски чин на насилство е недозволив и бараме од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство веднаш да реагираат со целосна транспарентност и решителност, за да ги идентификуваат, уапсат и изведат пред лицето на правдата сторителите на овој атентат“, стои во реакцијата на ДУИ.
Од партијата апелираат до своите поддржувачи, симпатизери и до сите граѓани да останат смирени и да не подлегнуваат на провокации, нагласувајќи дека „зрелоста отсекогаш ја карактеризирала нивното движење“.
Во знак на солидарност со повредениот и за да ја потенцира сериозноста на настанот, ДУИ соопшти дека ги прекинува сите денешни активности и повика институциите да преземат конкретни чекори за враќање на јавната доверба и безбедноста на теренот.