|

Дваесет и пет недели подоцна – болката на Кочани не стивнува

Болката не стивнува во Кочани. И по 25-ти пат, родителите на трагично загинатите деца повторно излегоа на улиците, со солзи во очите и срца исполнети со болка, но и со решеност – „Нема да застанеме, правдата ќе ја бараме“.

Во тишина што зборува повеќе од илјада зборови, редици граѓани маршираа низ улиците на градот. Овојпат, транспарентите не беа толку гласни, но зборовите на мајките допреа до секого: „Ние сме мртви луѓе, пропаднавме. Нашите деца гнијат во гроб, за пусти пари загинаа 62 деца.“

Родителите повторно порачаа дека ќе маршираат секоја сабота, сè додека не ја добијат правдата што им припаѓа. Тие предупредуваат дека доколку овој случај остане нерасчистен, слична трагедија може да се повтори на друго место.

И оваа сабота, жителите на Кочани – роднини, пријатели и сограѓани – им се придружија во маршот, оддавајќи почит на 62-те жртви што загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март, кога уште околу 200 лица беа повредени.



Слични Објави