Џафери се сретна со претставници на Европскиот муслимански форум

/

Претседателот на Собранието Талат Џафери, денеска во Скопје имаше средба со претставниците на Европскиот муслимански форум предводени од претседателот на овој Форум Абдул-Вакхед Нијазов.

На средбата, информираат од собраниската прес-служба, Џафери упати поддршка за нивната досегашна активност и работа која е во насока на тоа да ја претстави во Европа и светот вистинската слика за исламот како религија, и исламската свест во целина. Тој се осврна на значењето и придобивките што ги има нашата земја со тоа што е мултиетничко општество и која претставува пример за соживот во регионот.

-Самиот факт што јас како припадник на албанската заедница сум веќе петта година или втор мандат претседател на Собранието и втор човек по функција во државата, говори доволно за нашите предности како мултиетничко општество, нагласи Џафери и ја истакна нашата заедничка стратешка определба за споделување на европските вредности во целост, а тоа, како што рече, го потврдуваме и со самиот факт што веќе сме земја членка на НАТО и земја која се очекува да ги започне преговорите со ЕУ.

Претседателот на Европскиот муслимански форум, Абдул Вакхед Нијазов, упати благодарност за можноста за оваа средба и истакна дека му е чест да престојува во земја која, нагласи, е светол пример во регионот кога се во прашање почитувањето на религиските различности и права, мирот и соживотот. Тој посочи дека, иднината на Европа е незамислива без муслиманскиот народ кој брои некаде околу 170 милиони.



-Тоа е народ кој е образован, материјално ситуиран и силно етаблиран во политичкиот, економскиот и општествениот живот ширум европските земји. Муслиманите во Европа, за разлика од оние кои живеат на другите континенти, живеат во демократски држави и општества и тоа претставува голема предност за нив во однос на останатото муслиманско население ширум светот, рече Нијазов.

Тој говореше и за потребата од почитување на меѓусебните различности и толеранција и тоа, како што порача, претставува единствен услов за живот во мир и стабилност во европските земји.

Претходна статија

Универзитетите ќе ја топат сантата мраз меѓу Скопје и Софија

Следна статија

Стојаноска: Интерпелацијата за Џафери е поради непочитување на Уставот и деловникот и доведување на здравјето на пратениците во опасност

Најново од Вести