| |

Џакарта доби барелјеф на Васил Левски како симбол на слободата и достоинството

Барелјеф на Васил Левски беше свечено откриен во Џакарта на церемонија на која присуствуваа претставници на бугарските и индонезиските институции, дипломатскиот кор, бугарската заедница и пријатели на Бугарија, соопшти бугарската амбасада во индонезиската престолнина, пренесува 24 Часа.

Иницијативата за изработката и поставувањето на барелјефот е на бугарската амбасадорка во Индонезија, Тања Димитрова. Проектот има цел пред индонезиската јавност да ги претстави ликот и делото на Васил Левски, една од најзначајните личности во бугарската историја.

Барелјефот официјално го откри Александар Пулев, заменик-претседател на Владата и министер за економија, инвестиции и индустрија на Бугарија, кој присуствуваше како специјален гост на церемонијата.

Автор на барелјефот е бугарскиот скулптор Николај Савов.

Од бугарската амбасада посочуваат дека поставувањето на спомен-обележјето во Џакарта има симболично значење и е посветено на идеалите за слобода, национално достоинство, правда и еднаквост што се поврзуваат со Левски.

„За мене беше особено важно Васил Левски да има свое место и во Џакарта. Неговиот лик е симбол не само на бугарската борба за слобода, туку и на вредности што се универзални – достоинство, правда, одговорност и верба во иднината. Овој барелјеф е наш подарок за Џакарта и за нашите индонезиски пријатели“, изјави амбасадорката Тања Димитрова.

Проектот е реализиран со поддршка на спонзори и донатори, меѓу кои е наведена и РАО – Тракија, како и други партнери и поддржувачи на иницијативата.

Од амбасадата нагласуваат дека иницијативата е дел од активностите за промоција на бугарската историја, култура и национално наследство, како и за продлабочување на културните и пријателските врски меѓу Бугарија и Индонезија.

Поставувањето на барелјефот, според амбасадата, треба да придонесе и за поголема препознатливост на Бугарија во Индонезија и за зајакнување на културната дипломатија меѓу двете земји.

Слични Објави