| |

Бугарската претседателка Јотова размислува да закаже седница на Советот за национална безбедност по новите експлозии во магацините во Бугарија

Претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, изјави дека размислува за свикување на Консултативниот совет за национална безбедност поради зачестените инциденти со експлозии во магацини и влошената безбедносна состојба во регионот, јавува БТА.

На новинарско прашање дали има намера да го свика Советот по новите експлозии во магацините на „ЕМКО“, Јотова одговори дека ќе го разгледа тоа прашање.

„Ќе размислам за тоа, бидејќи овие случаи многу зачестија“, изјави Јотова.

Таа посочи и на поширокиот безбедносен контекст.

„Уште повеќе, гледате дека војната ескалира и на Блискиот Исток и во Украина и нашите безбедносни служби треба да се произнесат“, додаде претседателката.

Јотова изјавата ја даде пред учеството на доделувањето на наградите на лауреатите од ученичкиот конкурс за креативно пишување „Боцките на ежовите“, што Фондацијата „Браќа Мормареви“ го организира по 20-ти пат.

Консултативниот совет за национална безбедност е советодавно тело за прашања од областа на националната безбедност и со него претседава претседателот на Бугарија.

Советот разгледува прашања и подготвува ставови и предлози поврзани со политиката за национална безбедност, зачувувањето на граѓанскиот мир и јавниот ред, заштитата на правата и интересите на граѓаните, како и постапувањето при закани за националната безбедност.

Целта на Советот е постигнување политички консензус и координирано дејствување по приоритетни прашања од областа на безбедноста и одбраната на земјата.

Слични Објави