| |

Демерџиев: По експлозиите во „ЕМКО“ ќе се проверат сите магацини за муниција, не исклучуваме надворешна интервенција

Бугарските власти ќе извршат проверка на секој магацин за муниција на територијата на земјата по експлозиите во воените магацини на компанијата „ЕМКО“ во близина на селото Горни Врпишта, изјави министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев, пренесува БТА.

Тој, кој се наоѓа на местото на инцидентот, најави дека по проверките ќе бидат издадени конкретни препораки и налози за подобрување на безбедноста.

„Владата, државата и сите служби ќе преземат мерки, бидејќи постои занемарување на условите во кои се чуваат експлозивни материи и муниција, како и на начинот на кој се обезбедуваат овие објекти“, изјави Демерџиев.

Според него, станува збор за втор инцидент поврзан со „ЕМКО“, а слични случаи имало и во минатото.

Министерот нагласи дека ќе бидат проверени сите можни причини што можеле да доведат до палењето и експлозиите, како и во претходниот случај во селото Белица.

„Не исклучуваме надворешна интервенција, но кога се занемаруваат условите за чување на вакви опасни материи и начинот на нивното обезбедување, едното не го исклучува другото“, рече Демерџиев.

Тој додаде дека доколку постоела надворешна интервенција, обврска на институциите е тоа да го утврдат и да ги соберат потребните докази.

На прашањето дали ќе бидат потребни законски измени, министерот одговори дека доколку при проверките бидат утврдени недостатоци во важечкиот режим, тие ќе бидат отстранети.

Демерџиев изјави дека уште претходниот ден било утврдено што се чувало во магацинот во Горни Врпишта. Тој посочи дека објектите биле проверувани и неодамна, вклучително и по претходниот инцидент во Белица.

„Во моментов зборуваме за комплексна проверка според сите можни параметри што се однесуваат на начинот на чување на оваа продукција и суровините за нејзино производство“, рече министерот.

Според него, потребна е особено детална проверка на физичкото обезбедување на ваквите објекти.

„Очигледно е дека нивото на обезбедување мора да биде зголемено насекаде – не поради ситуацијата во Бугарија, туку поради ситуацијата во целиот регион“, нагласи Демерџиев.

Тој повика во оваа фаза да не се шпекулира со причините за експлозиите и увери дека ќе бидат проверени сите факти.

Според министерот, сегашниот случај се разликува од претходниот инцидент, кога настанот се случил во активно претпријатие, во текот на денот и под поинакви околности.

Сегашниот инцидент, како што рече, наликува на други случаи во магацини во кои одреден период немало ниту товарно-истоварни активности, ниту присуство на вработени.

Демерџиев изјави дека сите државни служби се на терен и дека кризата се управува непосредно во близина на објектот.

Како следен чекор, тој го посочи националното обследување на магацините за муниција.

„Неопходно е да им посветиме исклучително внимание на фактите и да им дадеме јасни и категорични препораки на сопствениците на овие објекти“, изјави министерот, додавајќи дека прашањето ќе биде разгледано и на национално ниво.

Во рамките на истрагата, полицијата ги презела сите снимки од безбедносните камери на компанијата, а ќе бидат анализирани и снимките од камерите во околината.

Демерџиев посочи дека уредот за снимање е зачуван, но дека во иднина треба да се разгледа можноста ваквите податоци да се чуваат на повеќе од еден носител.

Според него, нивото на безбедност во ваквите објекти во повеќе аспекти не е задоволително.

По експлозиите во магацините кај Горни Врпишта има поединечни локални пожари, но тие не се шират, додаде министерот.

Слични Објави