Бугарската морнарица ќе добие седум ловци на мини од Холандија и Белгија
Првиот од вкупно седумте бродови од типот „ловец на мини“, кои Бугарија ќе ги добие од Холандија и Белгија, се очекува да пристигне во земјата најдоцна до октомври. Ова станало јасно за време на средбата на министерот за одбрана Димитар Стојанов со амбасадорот на Кралството Холандија во Бугарија, Артур ден Хартог, јавува БГНЕС.
Трите бродови-ловци на мини од флотата на Холандија се дел од билатералната одбранбена соработка меѓу двете земји. За време на средбата, министерот Стојанов изразил благодарност за обезбедувањето на бродовите, заедно со потребните резервни делови и помошна опрема.
Тој го нагласил нивното значење за развојот на способностите на бугарските Военноморски сили и за придонесот на земјата во противминските активности во Црното Море.
Амбасадорот Артур ден Хартог истакнал дека обезбедувањето на ловците на мини е придонес на Холандија кон безбедноста на пловидбата во Црното Море, како за Бугарија, така и за останатите црноморски држави.
За време на разговорите станало јасно и дека Бугарија продолжува да бара дополнителни можности за заштита на бугарскиот воздушен простор и за исполнување на сојузничките обврски.
„Испративме барање до холандската страна во врска со можноста да изнајмиме до осум авиони Ф-16 за период до 2030 година и го очекуваме вашиот одговор“, изјавил министерот Стојанов.
Тој потсетил на успешната заедничка мисија на бугарските и холандските Военовоздухопловни сили за заштита на воздушниот простор во 2022 година и упатил покана за реализација на нова заедничка мисија.
Министерот за одбрана ги претставил мерките што ги презема Владата за модернизација на Вооружените сили и за исполнување на обврските на Бугарија кон НАТО.
Меѓу темите за кои било разговарано биле и поддршката за Украина, зајакнувањето на сојузничкиот потенцијал за одвраќање и оперативната интероперабилност, военото образование и обука, како и соработката во областа на сајбер-безбедноста.
Амбасадорот Артур ден Хартог ја потврдил подготвеноста на Кралството Холандија да ја продолжи соработката со Бугарија за зајакнување на колективната безбедност и одбранбените способности на Европа.
