|

Џафери се правдаше дека не тера предизборна кампања: Јас сум овде како премиер, ги исполнувам моите обврски

Пред утрешниот ден кога се распишуваат парламентарните и претседателските избори, техничкиот премиер Талат Џафери не сакаше да одговори како ќе настапува ДУИ, дали ќе оди самостојно како партија или ќе опстои на идејата за европски фронт заедно со СДСМ и Алијанса.

„Јас во ова својство на премиер, ја претставувам владата. За тоа прашање ќе се обратите во Речица, блиску сме тука, ќе стапите во контакт со партијата“, одговори Џафери на новинарското прашање.

Во однос на тоа дека поради промената на пасошите 650 илјади граѓани не можат да ја напуштат државата, премиерот рече дека ги направиле првите чекори за одржување на прашањето за внатрешно безбедно движење и комуницирање на граѓаните.

„Во однос на потребите за комуницирање со надвор, секако дека се преземаат организициски процедури за да се обезбедат соодветните документи и нивно издавање. 650 илјади граѓани ниту имаат потреба ниту имаат можност да ја напуштат денеска државата. Граѓаните треба да се обратат до подрачните единици на МВР за да покренат постапка за промена на документи“, кажа Џафери.

На прашањето од каква важност е обиколницата за Тетово за претстојните избори, со оглед на тоа дека улогата на техничкиот премиер е да организира демократски избори, а не да најавува проекти, тој одговори дека тие што живеат во Тетово и во околината знаат најдобро која е важноста на обиколницата.

„Една од обврските на Владата е да организира избори, но не е единствена. Во тој контекст Владата ги има сите надлежности во однос на Законот и Уставот и ќе ги исполни сите активности, згора на тоа и обврските коишто произлегуваат за организирање на избори“, одговори премиерот.

Џафери кажа дека денешниот настан не е во рамките на предизборната кампања со оглед дека не се распишани избори.

„Можете да го толкувате како сакате, јас ги исполнувам моите дневни обврски“, рече Џафери.

Слични Објави