ЏАМБАСКИ: ЗАЕВ ДОЈДЕ СО „БОМБИ“ И ЌЕ СИ ЗАМИНЕ СО „БОМБИ“
„Владата на Зоран Заев дојде со „бомби“ и веројатно ќе си тргне со „бомби“. Тоа и неговата лична трагедија. Сепак жално ќе биде овој скандал да се претвори во трагедија за македонската држава„ , пишува во својата нова колумна за порталот „Поглед“, европратеникот од редовите на ВМРО и потпретседател на истата партија Ангел Џамбаски.
Џамбаски е дециден дека цената на аферата Рекет, која ја тресе македонската јавност, ќе биде платена од македонските граѓани.
„Тажното во случајот е дека повторно граѓаните на Македонија ќе бидат тие кои ќе ја платат цената на таа афера. Се чини дека е многу тешко да бидат спроведени трајни реформи во државата. Двете партии кои се на власт во изминативе 29 години го поларизираат јавното мислење и ги окупираат државните институции на моќ. Чувството за ревашнизам и жедта за моќ го надминуваат чувството за одговорност меѓу македонските државници„- пишува Џамбаски.
Според европратеникот, Македонија треба да излезе од како што тој ја нарекува „задушувачката“ контрола на двете партии СДСМ и ДПМНЕ. Џамбаски додава дека на Македонија и се потребни нови лица кои нема да бидат опфатени со скандали за бомби и мерцедеси.
Вистината е дека Македонија мора да излезе од задушувачката контрола на двете партии – СДСМ и ДПМНЕ. Ако досега работеле на еден ист начин, зошто да очекуваме да се променат? На државата и се потребни нови, оригинални идеи кои доаѓаат од луѓе кои не се опфатени со „бомби“ и „мерцедеси“. Луѓе кои нема да ги назначуваат братучедите на високи државни функции само поради тоа што им се братучеди. Луѓе кои нема да назначат специјален јавен обвинител кој ќе рекетира луѓе, чии случаи се под негова надлежност“, пишува Џамбаски за Поглед.
