|

ДЗС: Просечната нето-плата во јуни достигна 45.468 денари, бруто-платата 68.340 денари

Во јуни 2025 година, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во Македонија изнесувала 45.468 денари, што претставува зголемување од 8,4 проценти во однос на истиот месец лани. Истовремено, просечната бруто-плата достигна 68.340 денари, со годишен раст од 8,5 проценти, објави Државниот завод за статистика.

Од Заводот посочуваат дека „Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Образование за 14,7 %, Дејности на здравствена и социјална заштита за 12,7 % и Рударство и вадење на камен за 12,2 %“.

Намалување на просечната нето-плата во однос на претходниот месец е забележано кај финансиските дејности и осигурување (–7,5 %), трговијата (–4,3 %) и транспортот и складирањето (–2,1 %).

Кај бруто-платата, растот е најизразен во истите сектори: Образование (14,9 %), здравство и социјална заштита (13 %) и рударство (12,3 %).

Сепак, „намалување на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Финансиски дејности и дејности на осигурување за 8,2 %, трговија за 4,1 % и транспорт и складирање за 2,0 %“, се наведува во извештајот на Државниот завод за статистика.



Слични Објави