ДЗСИ: Парична казна за Кузмановски за работа со необновена лекарска лиценца
По наредба на Министерството за здравство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат изврши вонреден инспекциски надзор на Универзитетската клиника за неврологија во Скопје во врска со работата на директорот проф. д-р Игор Кузмановски – како раководител на установата и како здравствен работник.
Според информациите од Министерството за здравство, надзорот бил спроведен на 14 октомври 2025 година по издадена наредба од министерот за здравство. Инспекторите извршиле увид во персоналното досие на Кузмановски и во документацијата на клиниката.
Од наодите на инспекторатот се утврди дека проф. д-р Кузмановски бил именуван за в.д. директор на Клиниката со решение на Министерството за здравство од 7 август 2025 година. На 21 август 2025 година Управниот одбор на установата донел решение за мирување на неговото работно место како доктор специјалист невролог, сметано од 8 август. Сепак, од увидот во системот „Мој Термин“ било утврдено дека Кузмановски вршел здравствена дејност до 8 август 2025 година, иако неговата последна лиценца за работа, издадена од Лекарската комора, имала важност до 15 март 2025 година. Откако бил именуван за директор, не се евидентирани здравствени услуги реализирани од негова страна.
Поради тоа, против Кузмановски ќе биде издаден прекршочен платен налог согласно член 309 став 1 точка 1 од Законот за здравствена заштита. Прекршочен налог ќе добијат и правното лице – Клиниката за неврологија – како и одговорното лице во правното лице, односно претходниот директор.
Инспекторатот утврдил и други неправилности во функционирањето на установата. Специјалистичките извештаи по извршени прегледи кај лекарите се оверувале од административни работници на пултот со факсимил и печат на клиниката, што е спротивно на член 13 од Законот за евиденциите во областа на здравството. При контролата на лиценците на останатите 33 лекари било констатирано дека сите имаат важечки дозволи за работа.
Поради констатираните неправилности, Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе издаде решение со наредба за нивно отстранување, соопшти Министерството за здравство.
