Еден од најубавите средновековни замоци во Европа повторно е достапен за туристите
По петгодишна обемна реставрација во вредност од 37 милиони долари, замокот Норич Кип повторно е достапен за јавноста, а за првпат сите негови пет ката се отворени за разгледување, објави Си Ен Ен, пренесува БГНЕС.
Изграден во XII век по наредба на Вилијам Освојувачот, замокот сега располага со првата своја постојана средновековна галерија надвор од Лондон, создадена благодарение на повеќе од 900 нормански артефакти, обезбедени од Британскиот музеј.
Норич Кип е меѓу првите замоци изградени по Норманското освојување на Англија – историски настан прикажан и на прочуениот Бајоски гоблен, кој моментално исто така се реставрира. Градбата служела како симбол на моќ и престиж за норманите.
Цврстите ѕидови на замокот, сочувани повеќе од девет века, се изградени од каенски варовник донесен од Нормандија – траен доказ за моќта на освојувачите. Според експерти, објектот може да стане привлечна алтернатива за туристите кои сакаат да ја запознаат Англија надвор од традиционалните туристички маршрути.
