| |

Белград со денови личи на Бејрут

Ели Јурукова/БГНЕС

Не би ја дала оваа екстремна определба, ако не ја слушнав, на една од омилени телевизии на српскиот претседател Вучиќ, за која тој во секое време од денот е подготвен да даде интервју.

„Белград е Бејрут, имаме Бејрут во Белград“, хистерично извика новинарот од местото на настанот – една од белградските улици, за време на граѓанските протести и судирите со полицијата. Ако Вучиќ ѝ верува на оваа телевизија, зошто да не поверувам и јас? Уште повеќе, поради фактот што Србија буквално е затруена од провладините медиуми со прогнози дека граѓани и студенти кои протестираат сакаат „да предизвикаат граѓанска војна“, дека тие се „терористи, фашисти, шпиони и усташи“, и дека за „разурнувањето и дестабилизацијата на Србија Западот фрлил милиони евра“, а случувањата во државата се типичен „пример за шарена револуција“.

За тоа Вучиќ пишува книга, учебник, од кој целиот свет ќе учи како да ја препознае и задуши, но засега нема време, настаните во Србија се толку бурни и непредвидливи, што ја загрозуваат не само неа, туку и мирот и стабилноста во целиот регион.

Нема веќе илузии – Србија навлезе во драматична криза и хаос поголеми дури и од оние во 90-тите години на минатиот век. Студентското незадоволство прелеа во граѓанска непослушност – како Србија да се разбуди од речиси 14-годишниот сон на апатија и помирување во времето на Вучиќ, и веќе бара некаков нов пат, колку и да изгледа недостижен и непознат во овој момент.

  1. Времето за компромис и преговори истече, сега на улиците и протестите се бара невозможно решение. Србија е поделена, збунета и бунтовна, но сите тука се свесни дека по уличните битки, репресиите, полицијата, апсењата и омразата доаѓа периодот на отрезнување, во кој силите треба да се измерат не на барикадите, туку на избори.

Вучиќ, сепак, сега не сака предвремени избори – тој како да верува дека сè може да биде како пред 10 месеци – пред почетокот на студентските протести по падот на настрештницата на станицата во Нови Сад и смртта на 16 лица, за кои беше докажано дека се резултат на корупциски шеми и незаинтересираност на власта. Вучиќ како да не разбира дека не може да ја држи власта со насилството на полицијата, која вложува неверојатни напори да ги заштити канцелариите на неговата партија и се претвора во партиски инструмент. Од друга страна, граѓанските и студентските протести навлегоа во нова фаза, во која демонстрантите поради наталоженото незадоволство гледаат во лицето на полицајците репресивен апарат на власта, која сака да стави лисици на сите што се против неа.

Вучиќ веќе ги исцрпи сите теми и ветувања, но и покрај сè изјавува дека државата ќе го обнови сето она што било уништено од демонстрантите во последните нереди, и сите што учествувале во палењата ќе бидат казнети. Единственото убаво нешто е – тврди тој – што сите маски паднале и луѓето виделе дека демонстрантите немаат што да понудат.

Трагичното е што падна и маската на режимот, и општонародното незадоволство ескалира. Протестите сигурно нема да престанат поради очигледните драматични сцени на апсења, тепања, употреба на прекумерна полициска сила, провокатори и тајни агенти, закани.

Аналитичарите коментираат дека во однесувањето на властите во Белград во изминатите денови, недели и месеци можат да се препознаат модели за стабилизирање на автократијата слични на оние по масовни протести во Русија, Белорусија, Грузија и делумно во Турција.

Каков ќе биде развојот на кризата во Србија е тешко да се предвиди. Вучиќ е категоричен дека граѓанска војна во Србија нема да има. Остануваат варијантите за прогласување на вонредна состојба и/или предвремени избори. Ако властите го зголемат степенот на насилство и полицискиот терор, Србија може да ја очекува опасно наелектризирана политичка есен.

Вучиќ сега смета на своите верни соработници во партијата, армијата и полицијата, како и на т.н. „специјални единици Кобра“, сигурно ќе направи болни и драстични промени во владата и безбедносните служби.

И смета дека, како и досега, Европската унија нема остро да реагира на случувањата во Србија, туку повеќе декларативно ќе го искара.

Барем засега, Србија се врти во маѓепсаниот круг на насилство и неизвесност, и ако не проговорат разумот и толерантноста, Белград навистина може да се претвори во европски Бејрут.

Слични Објави