Новата учебна година во Бугарија започна со 57 илјади првачиња
Над 2300 училишта во Бугарија денес ги отворија вратите за повеќе од 716 илјади ученици од прво одделение до четврта година, јавува БГНЕС. Меѓу нив, 57 илјади се првачиња кои за првпат го преминаа училишниот праг.
Во училиштата и градинките оваа година ќе работат повеќе од 95 илјади педагошки кадри, од кои 74 илјади се наставници, а околу 20 илјади воспитувачи.
Учебната 2025/2026 година започнува со неколку новини. Учениците веќе имаат електронски здравствени картони, а од ноември стапува во сила и забраната за користење мобилни телефони во училиштата. Министерството за образование најави и нов модел на задачи за националното тестирање по природни науки по завршување на 7 одделение и 3 година, кој ќе се воведува поетапно од 2026 година.
Иако најголем дел од училиштата се реновирани, околу 250 објекти сè уште се во ремонт, а 22 училишта започнуваат со настава во други згради.
Почетокот на новата учебна година беше одбележан со присуство на државниот врв. Министерот за образование Красимир В’лчев посети училишта во Софија и Пловдив, премиерот Росен Желjaзков беше во Панчарево, претседателот Румен Радев во Прва англиска гимназија во Софија, а градоначалникот Васил Терзиев присуствуваше во 95. СУ „Проф. Иван Шишманов“.

