ОЈО Штип изврши увид по тешка несреќа кај Штип – Радовиш
Основното јавно обвинителство Штип изврши увид на лице место на експресниот пат Штип – Радовиш, каде комбе со петмина патници излетало од патот и паднало од мостот во коритото на Балталичка река.
Според информациите, со комбето се превезувале работници ангажирани од фирма од Струмица. Несреќата завршила трагично – тројца работници го загубиле животот. Првичните сознанија укажуваат дека двајца од загинатите се од Бангладеш, а еден од Непал. Едно лице се здобило со тешки повреди, додека возачот поминал со полесни.
Јавниот обвинител од ОЈО Штип наредил веднаш да се преземат дејствија за утврдување на причините за несреќата. Се вршат разговори со очевидци, телата на починатите се предадени на обдукција, а ќе биде спроведено и сообраќајно вештачење за да се утврдат околностите под кои дошло до трагичниот настан.
