| |

Проукраински протест во Анкориџ пред средбата Трамп–Путин

Неколку стотини луѓе се собраа на проукраински митинг во Анкориџ, Алјаска, каде што денеска ќе се сретнат американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин, јавува БГНЕС.

Средбата е со висок влог – прва лична средба меѓу американски претседател и Путин откако тој ја започна целосната инвазија врз Украина во февруари 2022 година – и има за цел да ги постави темелите за прекин на огнот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски не беше поканет на разговорите, кои ќе започнат околу 11 часот по локално време во базата Елмендорф-Ричардсон.

Протестантите почнаа да се собираат рано наутро, пред пристигнувањето на Путин во Анкориџ, скандирајќи слогани во поддршка на Киев и барајќи Русија да врати 20.000 украински деца, киднапирани од зоната на воените дејствија.

Тие изразија и незадоволство од тоа што Трамп го поканил Путин на средба на американска територија во Алјаска, која била руска до 1867 година, кога е продадена на САД, пренесе „Политико“.

„Украина и Алјаска – никогаш повеќе во Русија“, напиша Остап Јариш, медиумски советник на фондацијата „Разом за Украјна“, во објава на X, придружена со снимки од протестот.

Локалните организатори на митингот нагласија дека „Алјаска се спротивставува на тиранијата“ и ги повикаа своите поддржувачи да „се соберат во Анкориџ, Алјаска, за да протестираат против меѓународен воен злосторник кој шета тука“.

„Одлуката да се прими Путин, воен злосторник, на алјасканска земја е предавство кон нашата историја и моралната јасност што ја бара страдањето на Украина и другите окупирани народи“, истакна невладината организација „Native Movement“, повикувајќи го Трамп да не склучува договор со Путин.



Слични Објави