(Видео) Шукова: Да се формира стручен штаб за Дрисла од експерти, чадот е закана за целиот град
Кандидатката за градоначалничка на Скопје, Каја Шукова, денеска на прес-конференција остро реагираше на начинот на кој раководството на депонијата „Дрисла“ и актуелната градска власт управуваат со проблемот со чадот и загадениот воздух. Таа порача дека гаснењето на депонијата со вода и пена не дава резултат, депонијата и понатаму чади, а воздухот е загаден до степен што не може да се дише во целиот град.
Шукова предупреди дека моменталниот пристап е неефикасен и потенцијално опасен, барајќи итно во Дрисла да влезе тешка механизација и да се работи со земја и глина за да се избие воздухот, како и да се спроведе соодветен третман на гасовите. Таа истакна дека во спротивно може да дојде до експлозија.
Таа го осуди молкот на раководството на Дрисла и порача дека граѓаните имаат право да знаат како депонијата моментално се справува со проблемот, кое решение го имаат и каде се депонира новиот отпад во меѓувреме. Шукова додаде дека иако се слуша за формирање на некаков кризен штаб, за вистинско решение се потребни натпартиски луѓе, експерти кои со години имаат искуство со менаџирање и управување со отпад.
Во своето обраќање таа упати критики кон актуелната градска власт и ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека со бегање од народот и без преземање мерки чадот и опасноста од Дрисла нема да се решат. „Фактичката состојба најдобро покажува колку структурата под раководство на ВМРО-ДПМНЕ е неука и неспособна. Ветуваа паркови, ветуваа јавно-приватно партнерство за лични бизниси и профит, а вистинско решение за справување со отпадот нема“, рече Шукова.
Како решение, таа предложи веднаш да се формира натпартиски стручен штаб кој ќе делува по јасен план, додавајќи дека веќе разговарала со неколку експерти кои се подготвени да помогнат. „Не за Каја, не за СДСМ, туку за граѓаните. Благодарам“, заврши таа.

