|

Доналд Трамп во државна посета на Велика Британија по покана на кралот Чарлс III

Американскиот претседател Доналд Трамп во вторник ќе пристигне во Велика Британија заедно со сопругата Меланија на државна посета по покана на кралот Чарлс III. Станува збор за ретка чест која британската монархија ја укажува на одбрани светски лидери, јавува БГНЕС.

Ова е втора државна посета на Трамп, кој во 2019 година, за време на својот прв мандат, беше примeн од кралицата Елизабета II. Тој е првиот американски претседател поканет по втор пат.

Програмата предвидува свечен прием од кралот и кралицата Камила, дефиле со кочии, преглед на почесната гарда и државна вечера со околу 150 гости. Настаните ќе се одржат во замокот Виндзор, бидејќи Бакингемската палата е во реконструкција.

За време на престојот, Трамп ќе се сретне со британскиот премиер Кир Стармер во резиденцијата Чекерс, северозападно од Лондон. Планиран е и бизнис прием, по што двајцата лидери ќе одржат заедничка прес-конференција.

Посетата се одвива во време кога парламентот е на пауза поради партиските конференции, што предизвика шпекулации дека владата намерно го избрала тајмингот за да избегне негово обраќање.

Како и во 2019 година, и овојпат се најавени протести во Лондон. Трамп изјави дека сака да ужива во посетата и да му укаже почит на кралот Чарлс, кого го нарече „вистински џентлмен“.

Од стапувањето на тронот во 2022 година, кралот Чарлс покани шест светски лидери на државни посети, меѓу кои претседателите на Јужна Африка и Јужна Кореја, јапонскиот император, катарскиот емир и францускиот претседател.

Традицијата досега беше американските претседатели во втор мандат да бидат примани само на чај или ручек со монархот, како што беше случајот со Барак Обама и Џорџ Буш Помладиот. Трамп е исклучок од ова правило.



Слични Објави