СДСМ: Владата на Мицкоски е одговорна за еколошката катастрофа во Скопје
СДСМ денеска обвини дека Владата на Христијан Мицкоски и локалните власти се директно одговорни за еколошката катастрофа што ги зафати Скопје и околината по серијата пожари во депониите и фабриките.
Од опозицијата велат дека повеќе од 500 илјади жители на главниот град се гушат во отровен чад од пожарите во Трубарево, Дрисла и Вардариште, додека институциите доцнеле со реакција и не излегле со навремени информации, препораки или мерки за заштита на граѓаните.
„Додека граѓаните вдишуваа канцерогени материи, власта раскажуваше приказни за хибридни напади наместо да го решава проблемот. Сè уште нема податоци за тоа колкава е концентрацијата на опасни и токсични материи што се ослободија, ниту колкава количина отпад изгорела“, реагираат од СДСМ.
Според партијата, најголемата одговорност лежи кај Владата и раководните структури во депониите што се под управа на ВМРО-ДПМНЕ, кои, како што велат, дозволиле да дојде до екоцид со опасни последици врз здравјето на луѓето.
СДСМ бара политичка и кривична одговорност за еколошката катастрофа, како и проширување на истрагата на Јавното обвинителство за сите пожари – не само во Трубарево, туку и во Вардариште и Дрисла.
