Осумнаесет кандидати за градоначалник на Скопје – изборната трка станува официјална
Во претстојните локални избори за Град Скопје, во трката за градоначалник ќе влезат 18 кандидати, доколку нивните кандидатури бидат потврдени од Државната изборна комисија (ДИК).
Рокот за поднесување на кандидатските листи заврши на 13 септември на полноќ. Според информациите од ДИК, до сите општински изборни комисии се доставени вкупно 312 листи за кандидати за градоначалници и 575 листи за членови на општинските совети и Советот на Град Скопје. Овие бројки ги опфаќаат и партиските кандидати и оние предложени од групи граѓани.
Најмногу интерес е покажан токму за главниот град – Скопје. Таму се поднесени 18 кандидатски листи за градоначалник и 20 листи за советници во Градот.
Според роковникот за локалните избори во 2025 година, општинските изборни комисии веднаш по приемот на листите бараат од надлежните институции да ја проверат законската исправност на доставената документација, најдоцна до 14 септември. Откако ќе завршат проверките и евентуалните исправки, потврдените листи се доставуваат до ДИК, која најдоцна до 20 септември ќе го утврди нивниот редослед на единствената листа на кандидати.
ДИК ќе ја организира ждрепката за редоследот на кандидатите најдоцна до 25 септември.
Првиот круг од локалните избори е закажан за 19 октомври 2025 година, а доколку има потреба, вториот круг ќе се одржи на 2 ноември. Изборната кампања ќе започне 20 дена пред денот на гласањето.

