Притвор за четворица осомничени за пожарот во Трубарево
Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје им определи мерка притвор во траење од 48 часа на четворица осомничени поврзани со големиот пожар што на 13 септември 2025 година избувна во складиште за рециклирање отпад во Трубарево.
Притворените – В.М., З.С., М.Д. и Л.Д. – се товарат за кривичното дело Загрозување на животната средина и природата со отпад согласно член 230 од Кривичниот законик.
Според Обвинителството, станува збор за 56-годишен управител и сопственик на две правни лица, 22-годишна управителка на трето правно лице, 42-годишен раководител на подружница и 59-годишен вработен во правно лице. Се испитува и потенцијалната одговорност на други лица.
Резултатите од мерењата за загаденоста на воздухот по пожарот од Министерството за животна средина сè уште се очекуваат. Четири лица побарале лекарска помош, но сите се надвор од животна опасност.
