Една прекрасна млада дама од Разлог ја доби првата награда за автентична женска носија на фестивалот во Жеравна со носија од селото Баница, серско
Борислава Кутларска е млада и колоритна личност од Разлог. Таа свири на тамбура, пее и игра народни ора. Бугарскиот фолклор го сака уште од мала и истиот и станал начин на живот. Воспитаник е на читалиштето „15 септември 1903-1909 година“ во Разлог, за кое вели дека е срцето на градот, местото каде што младите добиваат не само лекции по фолклор, туку и животни лекции.
„За голем дел од односот што го имам кон бугарските традиции и фолклор, можам да му се заблагодарам на моето семејство, бидејќи тие се секогаш покрај мене, околу мене и ги остваруваат моите соништа. Имам огромна благодарност и до читалиштето во Разлог каде што работат исклучителни професионалци, луѓе кои ја сакаат бугарштината и децата на Разлог. Тие не воспитаа во оваа љубов, ни го пренесоа своето знаење и можам да кажам дека голем дел од тоа какви луѓе сме денес, го должиме на нив“, вели Борислава Кутларска за Радио Благоевград.
Борислава наполни 18 години во јуни оваа година. Седум изданија по ред учествуваше на Фестивалот на народната носија – Жеравна, но оваа година за прв пат се појави на натпреварот за најавтентична празнична носија во категоријата „Жени“, каде меѓу 50 носии жирито го додели првото место на костимот, со кој што се претстави девојката од Разлог.
„Три пати претходно имам учествувано во категоријата Детска, каде што освоив три први места за автентична носија, оваа година, откако наполнив 18 години, се појавив во категоријата Жени. Носијата со која што се претставив е бежанска. Таа доаѓа од селото Баница, серско. Во Разлог е донесена во 1912-1913 година за време од бежанци. Сопственост е на Светла Бонкова со која сме исклучително блиски и секоја година заедно го посетуваме фестивалот во Жеравна“, вели Борислава за емисијата „Со насмевка во сабота“ во етерот на Радио Благоевград.
Борислава вели дека за неа не постои бугарска носија која не е убава и не носи историја. Затоа е исклучително среќна и возбудена што токму нејзиниот костим го добил првото место.
„На почетокот бев прилично загрижена дали ќе можам да кажам сè за костимот како што бара жирито, но штом ќе влезеш во ова искуство, едноставно претрпнуваш и сите емоции ве обземаат. Тоа е уникатно чувство. кој не го посетил фестивалот, не може да разбере, каква е таа возбуда. На сите им препорачувам да го посетат фестивалот за да ги почувствуваат своите корени, да се почувствуваат себеси“, апелира Борислава Кутларска.
“Сонувам за многу работи. Сонувам за поголем личен развој, не само во фолклорот, туку и во работите кои ги имам зацртано како цели во животот. Сонувам луѓето да бидат малку подобри. Сонувам кога ќе видам некого на улица, само да ми се насмевне и сонувам дека ќе има уште многу млади луѓе кои го сакаат фолклорот како мене, кои ќе ја задржат оваа искра во себе и ќе ја запалат кај другите“, заклучува Борислава.
Целиот разговор со прекрасната Борислава слушнете го на следниот линк.