ЕДНО ЛИЦЕ ПОД ИСТРАГА НА ОСНОВНОТО ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО СКОПЈЕ ЗАРАДИ ПОСЕДУВАЊЕ ОРУЖЈЕ И ДРОГА

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице затоа што постои основано сомнение дека сторило кривични дела – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од чл.215 ст.1 од Кривичниот законик, како и Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од чл.396 ст.1 од Кривичниот законик.
Според кривичната пријава поднесена од Министерството за внатрешни работи, при претрес во домот на осомничениот било утврдено дека тој неовластено заради продажба кај себе држел разновидна наркотична дрога. Притоа од страна на припадниците на Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје биле пронајдени и одземени: 448,95 грама марихуана, 389,17 грама хероин, 66,73 грама хашиш и 1,79 грама кокаин во различни пакувања, како и неколку дигитални ваги со остатоци од различна наркотична дрога.

Осомничениот кај себе неовластено држел и огнено оружје – еден револвер марка Astra Cadix од шпанско производство, како и еден пиштол марка Ekol Special 99 со рамка кој бил пренаменет во огнено оружје. Кај него биле пронајдени и вкупно 199 куршуми од различен калибар и за различни огнени оружја.

Надлежниот јавен обвинител ценеше дека се исполнети законските основи за определување мерка притвор за осомниченото лице, особено имајќи го предвид видот, карактерот и тежината на кривичните дела, како и висината на запретената кривична санкција која изнесува од три до десет години за секое кривично дело за кое е осомничен. Поради постоење на опасност од бегство и околности кои го оправдуваат стравот дека осомничениот би можел да го повтори кривичното дело, јавниот обвинител до судија на претходна постапка достави Предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.