| |

ЕК им обезбедува на Бугарија и Романија сателитски снимки за нападите во Црното Море

На барање на Романија и Бугарија, Европската комисија им обезбедува на двете земји сателитски снимки поврзани со нападите врз бродови во Црното Море. Ова денеска го соопшти портпарол на ЕК, јавува БНТ.

Европската агенција за поморска безбедност, исто така, им понудила поддршка на романските и бугарските власти за обезбедување на безбедноста во Црното Море.

Од ЕК денеска повторно истакнаа дека нападите врз трговски бродови се апсолутно неприфатливи. Руската агресивна војна против Украина се одразува и во Црното Море и претставува сериозна закана за поморската безбедност и слободата на пловидбата, изјави портпарол на ЕК.

Минатата година ЕК усвои Стратегија за Црното Море и финансира 65 проекти во вредност од околу 200 милиони евра во целиот регион. Дел од оваа стратегија е и Црноморскиот центар за безбедност, со кој раководат Романија и Бугарија и кој ќе има седишта во Варна и Констанца. Тој ќе помогне за подобро следење на состојбите на море и за заштита на критичната инфраструктура.

Од ЕК истакнаа и дека Бугарија и Романија имаат клучна улога во заштитата на источното крило на ЕУ. Затоа, двете земји добиваат вкупно 20 милијарди евра преку инструментот SAFE. Тие веќе добиле и авансно финансирање од Европската комисија – половина милијарда евра за Бугарија и 2,5 милијарди евра за Романија.

Портпарол на ЕК потсети дека и Софија и Букурешт учествуваат во заедничките европски проекти во областа на одбраната, кои опфаќаат проекти поврзани со вселената, спротивставувањето на нападите со дронови и набљудувањето на источното крило.

Слични Објави