|

ЕК ќе препорача почеток на пристапните преговори со Украина

Европската комисија почна да подготвува извештај за проширувањето на ЕУ, кој најверојатно ќе содржи препорака за отворање на пристапни преговори со Украина. Ова го објави бриселскиот дописник на „Радио Либерти“ Рикард Јозвијак на Твитер, јавува Фактор.бг.

„Започна подготовката за извештајот на Европската комисија за проширувањето на ЕУ, кој треба да биде објавен во втората половина на октомври. Очигледно, тој ќе содржи препораки Украина и Молдавија да започнат преговори за пристапување во ЕУ, а Грузија да добие кандидатски статус. Сепак за ова да се случи, ќе биде потребен консензус од страна на сите 27 земји-членки на ЕУ во декември“, напиша Јозвијак.

Во 2022 година Украина доби статус на кандидат за влез во Европската унија. Пред земјата потоа беа поставени голем број услови за членство.

Официјалните претставници на Украина веќе неколку пати нагласија дека сметаат на почеток на преговорите за влез во Европската унија оваа година.

Еврокомесарот Оливер Вархеј уште во јуни изјави дека Украина исполнила две од седумте препораки на Европската комисија за почеток на преговори за пристапување во ЕУ.

Слични Објави