ЕК повика Бугарија да стане дел од Шенген зоната
Европската комисија повика на пристапување на Бугарија во Шенген зоната, јавува БГНЕС.
Европската комисија презентираше извештај за состојбата на Шенген зоната во 2022 година. Таа потсети на важноста од комплетирање на Шенген зоната и го повика Советот да донесе одлуки кои ќе им овозможат на Бугарија, Романија и Хрватска да станат официјално дел од неа, со оглед на фактот дека сите критериуми се исполнети.
Истото ќе важи и за Кипар по успешното завршување на процесот на евалуација на Шенген зоната, се вели во документот.
Ова е првпат Комисијата да презентира ваков извештај по минатогодишната Шенген стратегија. Тоа е дел од иницијативата на ЕК за зајакнување на управувањето со Шенген зоната преку годишни извештаи, во кои се презентира состојбата на Шенген, се поставуваат приоритети за следната година и се следи напредокот постигнат на крајот на годината.
Извештајот за Шенген ќе послужи како основа за дискусии меѓу членовите на Европскиот парламент и министрите за внатрешни работи на Шенген форумот на 2 јуни и на претстојниот состанок на Шенгенскиот совет на 10 јуни.